Традиционално во рамки на манифестацијата „Македонски Квалитет“, беа прогласени десетте добитници на признанието за 2018 година, кое го доделува Сојузот на стопански комори на Македонија под покровителство на претседателот на Република Македонија.
Признанијата ги доделија претседателот Ѓорге Иванов, претседателот на Сојуз на стопански комори на Македонија, Данела Арсовска, како и претставници на претседателството на Сојузот.
Комисијата составена од членови на Кабинетот на претседателот, согласно критериумите и оваа година ги селектираше македонските претставници кои имаат традиција во создавање и одржување на национален бренд.
Согласно воспоставените критериуми беа доделени 10 признанија за Македонски квалитет за 2018 година. Бироком е меѓу десетте најуспешни компании и добитник на овогодинешното Признание за македонски квалитет 2018.
Наградата доделена од Претседателот на Република Македонија Н. Е. д-р Ѓорге Иванов, во име на компнијата Бироком ја прими Бране Попоски, кој во своето обраќање го потенцираше 25 годишно постоење на компанија,ова Признание за Македонски квалитет ни претставува огромен мотив и поттик да продолжиме со работа и развој уште долги години посветеноста на сите вработени на компанијата во следење и унапредување на високите стандарди за квалитет.
Добитници на признанијата оваа година се: Ансамб Студио Фолклор, Адора Инженеринг, Универзитет за туризам и менаџмент, Рафајловски Консалтинг, Специјал Продукт, Тинекс, Ендомак, Митковски ММ, Геемак Гроуп и Бироком. Годинава на свечената манифестација, во посебна церемонија доделено беше и високо признание на претседателот Иванов за исклучителен придонес и поддршка на македонскиот приватен сектор и националната економија.
Оваа манифестација се одржува секоја година во знакот на оддавање признание и промовирање на деловните успеси на македонските претставници на национален бренд за тековната година, при што секоја година се доделуваат 10 признанија за Македонски квалитет.
Десет компании се закитија со признанието Македонски квалитет 2019
Во свечена атмосфера, во присуство на бројни гости, министри, претставници на институции и на дипломатскиот кор, соработници, традиционално и годинава беа доделени десетте признанија за Македонски квалитет 2019 на националните бренд амбасадори.
Престижното признание за компаниите кои придонесуваат за развој на економијата и го афирмираат македонскиот квалитет во земјата и интернационално го доделува Сојузот на стопански комори на Македонија под покровителство на претседателот нa државата. Признанијата ги доделија претседателот на Р. Македонија г. Стево Пендаровски, претседателот на Сојуз на стопански комори на Македонија г-ѓа Данела Арсовска, како и претставници на претседателството на Сојузот.
Добитници на признанијата се: Настел, Бе – Да Логистик, ФитоФарм, Бироком, Тифи Груп, Евросуровина ПА, Меѓународно училиште НОВА, Кривогаштани промет, Пакомак и АКУД Мирче Ацев.
Арсовска истакна дека Сојузот на стопански комори, години наназад го промовира квалитетот на домашните компании препознаен на интернационалните пазари, но она што недостасува е национална стратегија за институционална поддршка за индивидуално јакнење на домашните брендови.
„Успехот на секоја домашна компанија е национален успех. За пласман на домашните производи како земја треба да се стремиме кон освојување на нови пазари, што е главен предизвик за компаниите особено малите и средните. Евидентен е потенцијал кој го имаме, а не доволно го афирмираме и користиме. Имаме солидни компании, бројни уникатни претприемачки идеи со потенцијал за интернационално пробивање. Македонското традиционално творештво е афирмирално во светски рамки и има голема вредност како културно обележје на нацијата, да си поставиме нова заедничка цел Македонија да биде ставена на светската мапа по успешни национални брендови познати и признати на пет континенти“, изјави Арсовска.
Комисијата составена од членови на кабинетот на претседателот на државата, согласно прецизно воспоставените критериуми и оваа година, внимателно ги селектираше македонските претставници кои имаат традиција во создавање и одржување на национален бренд. Оваа манифестација се одржува секоја година во знакот на оддавање признание и промовирање на деловните успеси на македонските претставници на национален бренд за тековната година, при што секоја година се доделуваат 10 признанија за македонски квалитет.